Николче Гичевски е млад битолчанец, кој од минатата година, како дополнитена дејност почна да одгледува пчели. Потекнува од земјоделско семејство чии имот е во битолското село Гермијан кое се наоѓа во близина на македонско-грчката граница, во поранешната општина Бач, сега Општина Новаци.
-Нивите и имотот се од прадедо ми, дедо ми и татко ми и не сакав да се запустат, па покрај работата, како дополнителна дејност се зафатив и со земјоделие. Сега му помагам на татко ми околу нивите, а како мое големо задоволство се зафатив со огледување на пчели.
Имам педесеттина семејства, и секое слободно време го минувам со пчелите, учам за пчеларството и постојано се советувам од искусни пчелари, вели Гичевски, млад пчелар чии корени се од битолското село Гермијан.
Првите пчелни семејства Николче ги добил од својот зет кој е искусен пчелар, а потоа научил и самиот да ги рои.
-Да споделам искуство за сите оние млади кои сакаат да почнат да се занимаваат со пчеларство. Најпрво на пролет ги чекам пчелите да добијат нагон за роење, па потоа ги ројам и ги размножувам. Така стасав до педесеттина семејства. Оваа година е убава за одгледување на пчелите и има доста за паша, вели младиот Николче, кој прави напори ројот да го удвои и конечно да почне да произведува мед.
Николче вели дека на почеток трошоците за одгледување на пчелите се високи, со оглед на тоа што со мала бројка на семејства не може да произведува мед и да ги покрива трошоците. Но, како што вели, желбата е голема да се занимава со пчеларство и производство на мед со оглед на тоа што досегашното искуство покажало дека атарот на село Гермијан е погоден за производство на високо квалитетен мед.
извор: zelenaberza.com.mk