Просечната нето-плата во мај достигна 31.407 денари, но овој просек за најголем дел од граѓаните остана далечен. Доволно е да споменеме дека минималната плата примаат 80.000 работници, а дека официјално вработени, со платени придонеси има околу 600.000. Ова значи дека над 13 проценти од сите вработени се на минималец.
Од друга страна, кога стигнавме до просекот од 31.407 денари, растот го изеде инфлацијата. Статистиката пресмета дека растот на просечната нето-плата во мај годинава во однос на мај минатата година изнесувал 9,4 проценти, но дека реално нето-плата се намалила за 2,3 %. Државниот завод за статистика се уште не излезе со податоци за јунската просечна нето-плата. Во мај пак, кога просечната нето-плата достигнала 31.407 денари, а синдикалната кошница изнесувала 38.791 денар.
Порталот „Пари“ направи анализа за 5 години наназад колкав дел од синдикалната кошница се покривала со една просечна нето-плата. Податоците покажуваат дека со една просечна нето-плата никогаш не се покривале трошоците од синдикалната кошница, што значи дека ако има само еден вработен во едно четиричлено семејство, дури и тоа да има сопствен стан, односно да не плаќа кирија и да нема возило, затоа што тоа не е земено во предвид во синдикалната кошница, семјството не може ниту минимум да се прехрани, ниту пак да одржува неопходна хигена со најевтините средства земени во пресметката на синдикалната кошница.
Низ годините наназад се презедоа разни мерки, со разни стимули да се зголемат платите, а истовремено имавме ниска инфлација. Како резултат на тоа имавме намалување на јазот меѓу просечната нето-плата и минималната синдикална кошница. За жал, тој тренд е прекинат и податоците говорат дека во мај годинава, разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница е 7.384 денари, односно толку пари недостигаат за да може минимум нормално да живеее едно четиричлено семејство со просечна плата, ако има само еден вработен. Лани, таа разлика изнесувала многу помалку и била 5.436 денари.
извор: pari.com.mk