Според начинот на снабдување на домаќинствата со вода за пиење над 91% користат вода од јавен водовод, додека над 12 илјади или над 2% од домаќинствата користат флаширана вода за пиење, покажува четвртиот сет на податоци од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021, објавен денеска од Државниот завод за статистика.
Од вкупно 598.632 домаќинства, најголемиот дел или 547.114 имаат вода во станот со приклучок од јавен водовод, 1.674 имаат чешма во дворот приклучена на јавен водовод, 567 имаат вода од улична чешма со вода од јавен водовод.
Околу 6% од домаќинствата во земјава користат вода од посебен извор. Најголемиот дел од нив 24.229 имаат вода во станот со приклучок на сопствен хидрофор, 4.830 користат вода од копан бунар, 4.720 вода од улична чешма со вода од посебен извор, 1.835 имаат вода од дупчен (цевчест) бунар, додека 510 користат вода од цистерна без филтер, а 311 вода од цистерна со филтер.