Според податоците од Државниот завод за статистика во земјава има 260 патнички автомобили на илјада жители во 2021 година или околу 4 луѓе на 1 автомобил. По статистички региони најмногу има во Скопскиот - 100 возила на 1.000 жители, а најмалку Вардарскиот регион - само 17 возила на 1.000 жители. Втор по број на возила е Пелагонискиот регион со 32 автомобила на 1.000 жители.
Во Европа најмногу автомобили по глава на жител имаат Лихтенштајн (779), Луксембург (682) и Италија (670), а најмалку Романија (379), Латвија (390) и Унгарија (403). Во земјите од регионот Бугарија има 414 возила на 1.000 жители, Хрватска (433), Грција (514) и Словенија (555).
На патиштата низ земјава минатата година имало 477.820 регистрирани возила, според податоците од Министерството за внатрешни работи. Најголемиот дел од нив 271.394 или 57% се дизел, а 194.393 или 40% се бензинци. На плин се 11.720 или 2,5%, додека на електричен погон има само 128, на метан 41 возило.
Електричните возила на нашите патишта имаат удел од само 0,03% и иако скромен, имаат постојан раст. Во 2019 година биле само 51 или 0,01%, за во 2020 да се зголемат на 69 и 0,02% и во 2021 да има 128 регистрирани електрични возила.
Најголемиот дел од електричните возила се во Скопје и тоа 40 се регистрирани во Општина Карпош, 29 во Центар, 11 во Гази Баба, по 5 во Бутел и Чаир, 4 во Ѓорче Петров и по 3 во Аеродром и Кисела Вода.
Уделот на возила на плин на патиштата низ земјава е речиси постојан, но сепак во последните години има трен на намалување. Од 2,84% во 2015, на 2,69% во 2019, 2,67% во 2020, на 2,45% во 2021 година. На метан во 2021 година имало само 41 регистрирано возило, од кои половината (20) се во Куманово.
Од 11.720 возила на плин, најголемиот дел или 16,5% се регистрирани во Прилеп, околу 15% во Скопје, 12% во Велес и 10% во Охрид.
Расте бројот на автомобили, но и просечната старост.
Во 2020 година на патиштата во земјава имало вкупно 429 илјади патнички автомобили, што е раст од 3 илјади во однос на 2019, кога имало 426 илјади возила и раст од 35 илјади во споредба со 2015 година кога имало 384 илјади автомобили, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
И додека расте бројот на возила, се зголемување и просечната старост од 18 години во 2015, на 19,4 во 2020 година.
Над 88% од автомобилите во 2020 година биле постари од 10 години. Нивниот број е зголемен за 9% во споредба со 2015 година кога 79% од автомобилите на патиштата биле постари од 10 години.
Од 429 илјади автомобили на патиштата во 2020 година само 8 илјади или 1,9% биле не постари од 2 години, а 14 илјади или 3,3% не постари од 5 години.
Во последните 5 години трендот на возила не постари од 5 години е константен и се движи околу 5%, додека бројот на возила до 10 години е повеќе од преполовен од околу 16% во 2015 години на 6,4% во 2020 година.
Дизелот со над 70% удел доминира во продажбата на гориво во земјава.
Колку за споредба во потрошувачката на нафтените деривати во 2015 година доминираат дизел горивата, но со 63,64% удел, додека безоловните бензини имаат учество од 12,7%, а течниот нафтен гас со 8,03%. Оттогаш уделот на дизелот полека се зголемува, а на безоловните бензини и ТНГ се намалува.
Автомобилот е најчесто превозно средство кое се користи во нашата земја
Над 35% од вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе до работа или училиште користи автомобил, покажуваат податоци од Пописот 2021.
Мажите најчесто до работа или училиште возат автомобил, и тоа над 40%, а кај жените автомобилот е на второ место – околу 19% го користат како најчесто превозно средство до работа или училиште.
Во Скопје над 42% најчесто до работа или училиште одат со автомобил (38,4% најчесто како возач и 4,1% најчесто како совозач).