Борче Стаменов од Кавадарци е ентузијаст кој многумина веднаш ќе го поврзат со „Донирај компјутер“. На хумана акција веројатно повеќе не и е потребно некаково дополнително претставување. Донирај компјутер е самоиницијативна акција за половни компјутери и донирање на граѓани од ранлива категорија. За акцијата првпат пишувавме кога стигнаа до 200 компјутери, сега 2 години подоцна Борче и ентузијастите од Донирај компјутер се приближуваат до 2.000.
Направивме договор за соработка со Нептун. Сега донирањето е уште полесно. Секој кој сака да донира ИТ опрема може едноставно да ја однесе до најблискиот салон, а тие преку нивната логистика ја доставуваат до нашата работилница во Кавадарци. Наскоро ќе имаме и поголема работилница, многу поголем магацин, алат и нова опрема, допрва ќе се зголемува бројот на донации, вели Борче.
Никогаш не ми било тешко да го работам ова. Донирај компјутер како хоби ми е успешно вклопена со работните обврски. На компјутер чекаат уште многу дечиња.
Како постигнуваш да се посветиш на целата оваа добротворна работа, имаш ли веќе помош од волонтери? Како ги покриваш твоите лични трошоци за живот?
Работам едно работно време од кое си го вадам лебот во Бидат Информатика, кое ми завршува во 16.00, со саат време пауза продолжувам со работата на Донирај компјутер (интервјуа, комуникација со тимот, задачи со тимот и тн.).
Работилницата ја надгледуваат волонтери и таа работи постојано, во две смени со практикантите кои доаѓаат да научат и да помагаат. Со остатокот од тимот работиме попладниња, саботи и недели, празници, кој како стигне. Внимаваме да не "прегори" никој, се пазиме, на кој му треба пауза, се заменуваме и се гаси да одмори, бидејќи тука трчаме маратони, не смее никој да изгори.
Кога стигнавте до бројката од 1000 компјутери имаше некоја груба пресметка дека дотогаш е донирана опрема со вредност 7 459 800 денари. Имате ли пресметка колкава е оваа бројка денес?
Вредноста која излегла од работилница како готова донација за 1733 компјутери е 12.927.833,4 денари или околу 21000 евра.
Колку те мотивира поддршката која ја добиваш на друштвените мрежи?
На социјални мрежи тоа што даваш се враќа дупло назад. Мојот дух е инспиративен. Објавувам секој ден до каде сме, што правиме, што сме испратиле, колку и што сме добиле назад. Фидбекот е фантастичен. 99% позитивни реакции. Донирај Компјутер им влезе во срцата на луѓето. Сите ја ценат нашата активност и нашата искреност. Во последно време зголемен е и бројот на луѓе кои сакаат на било каков начин да се вклучат и да помогнат што ми е посебно драго. И тоа луѓе од цела Македонија. Тоа значи дека сум успеал во намерата да инспирирам огромен број на следбеници да го следат мојот пример. Да се вклучат без да очекуваат нешто назад, освен искрена благодарност од оние кои добиваат уреди од нас. Во исто време и ја добивам додатна мотивација. Тоа е тој круг!
Можеш ли да одбереш омилена донација, или барем омилена приказна поврзана со донирање?
Искрено има многу приказни кои ми останале во сеќавање. Не би можел да одберам омилена. Можам да ја издвојам донација која ја направивме за самохрана мајка од Битола на која и недостасување уред да продолжи со доедукација во правец графички дизајн. Дадовме уред за да после шест месеци прочитам дека завршила курс и се вработила. Тука се гледа целиот импакт на Донирај Компјутер како здружение на граѓани.
Покрај тоа што даваме уреди, им помагаме на луѓето да застанат на нозе и да бидат активни на пазарот на трудот. Така да, не немам омилена донација. Имам омилени случки кои луѓето ми ги раскажуваат со среќа и по некоја солза во очите.
Во овие 1700+ донирани компјутери, дали се имаш сретнато со злоупотреби или обиди за злоупотреба на твојата акција? Ако да, што е поуката од тоа и предупредувањето што би го дал на другите?
Имало обиди да се добие уште еден компјутер во семејство каде има повеќе деца, а ние за жал засега имаме принцип еден компјутер во едно семејство, дур не го затвориме кругот, после ќе се навратиме и на другите. Размислуваме да отвориме компјутерски клубови или лаборатории каде ќе има бесплатно користење компјутер и бесплатна обука за секој граѓанин, не сме го размислиле како ќе го спроведеме, но ја препознаваме потребата.
„Борбата“ на Донирај компјутер продолжува, имате ли некоја зацртана цел која сакате да ја остварите?
Да. Сакаме да ги опремиме сите оние кои немаат електронски уред и кои не можат да си дозволат, со барем еден, и да им понудиме бесплатен интернет и едукација и така да го затвориме кругот. Потоа ќе се насочиме на следните работи кои ќе се појават како потреба за која нема одговор.
Што е тоа што би помогнало на акцијата да продолжи и да е уште поактивна?
Не знам како да објаснам, но ние не планираме ништо однапред. Изгледа коцките сами ни се подредуваат. Како иницијатива бевме предложени на еден вид на натпревар кој го организираше Дојче Телеком. И победивме. Наградата се состоеше од 35000 евра наменски средства. Ние кажуваме што ни е потребно, Дојче Телком набавува и ни испорачува. Ни беше потребна нова канцеларија во Кавадарци и сега ја имаме. Ќе ни набават опрема, ентериер и многу резервни делови за да можеме да бидеме уште поуспешни. Отвораме наша канцеларија и во Скопје. Читателите би можеле да ни помогнат со тоа што би го ширеле муабетот во нивни кругови. Дома, на кафе со пријатели, на работа. Со тоа стануваат и на некој начин волонтери. Така уште повеќе луѓе и компании ќе чујат за нас. Ќе имаме уште поголем број на донации кои понатаму ќе ги делиме на граѓани од социјално ранлива категорија. Ете, таква помош ни е потребна. Ако ја добиеме, можно е за кратко време во Македонија да нема дете или семејство без ИТ уред. А тоа ни беше и замисла од самиот почеток на Донирај Компјутер.
извор: it.mk