Пократки тушеви, слабо осветлување, ова се некои од начините на кои Европската унија планира да заштеди гас во наредните месеци.
А штеди затоа што сака да биде подготвена за најлошото – можен целосен прекин на снабдувањето со руски гас.
Сепак, краткиот преглед на агенцијата dpa покажува дека некои членки на ЕУ се уште ги немаат презентирано своите мерки со кои имаат намера да го спроведат вонредниот план за штедење од Брисел.
Вонредниот план стапи на сила во вторник и предвидува 27 земји доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто од почетокот на август до крајот на мај 2023 година во споредба со просечната потрошувачка во последните пет години. Доколку тоа не е доволно, може да се воведат и задолжителни заштеди. Според Министерството за економија, Германија, која е особено зависна од рускиот гас, може да заштеди повеќе од 15 проценти. Затоа, од крајот на јули, електрана на јаглен, која беше во резерва, повторно произведува струја. Според плановите на Владата, дополнителните, меѓу кои и електраните на лигнит, повторно ќе бидат ставени во функција. Дополнително, државата се обидува да ги мотивира граѓаните да штедат енергија. Планирани се и заштеди во јавните објекти, во кои повеќе нема да има греење на просторите што се користат само повремено, како што се ходниците или фоајето. Греењето на гас во станбените згради ќе се проверува и ќе се намалува доколку е потребно. На компаниите ќе им се даде можност да продаваат неискористени количества гас.