Аеродромот во Скопје е „исклучително важна“ рута за Љубљана што треба да се обнови, велат претставници на љубљанските аеродромски власти за специјализираниот сајт за авиосообраќај „Ексјуавиејшн“.
Скопје и Љубљана се двата најпрометни неповрзани аеродроми на територијата на поранешна Југославија, кои останаа без директна авиолинија по пропаѓањето на словенечката авиокомпанија „Адрија Ервејс“.
„Ексјуавиејшн“ наведува дека нискобуџетната компанијата „Визер“ размислувала за лансирање на линија од Скопје до аеродромот во Марибор, како алтернатива на словенечкиот главен град, но побарала до еден милион евра субвенции и стимулации за одржување на услугите меѓу двата града. Од друга страна, наведува сајтот, „Ер Србија“ преговара со македонските власти за воведување на сезонски летни авиолинии меѓу Белград и Охрид од следната година, што ќе послужи и за поврзување на двата града, но и како трансфер линија за мрежата на подолги релации на српската авиокомпанија.
Српскиот авиопревозник првично започна сезонски летови меѓу Белград и Охрид трипати неделно во 2016 година, по тригодишен прекин. Во 2017 година, бројот на летови беше зголемен на четири неделно, но сепак до 2018 година авиолинијата беше укината поради притисокот врз „Ер Србија“ за намалување на трошоците и рационализација на нејзината авиомрежа.
Сајтот посочува и дека „Кроација ерлајнс“ преговарала со аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ за потенцијалното проширување на нејзините летови кон и од земјава.
извор: lokalno.mk