Со нешто помалку од половина милион посетители, Северна Македонија е на 11-то место меѓу топ 15 земји со најголем број на посетители во Грција за 2021 година, согласно анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ)
Под наслов „Кој каде оди? Колку долго останува? Колку троши?“, ИНСЕТЕ ги анализира официјалните податоци од Банката на Грција за туризмот минатата година, а поконкретно се фокусира на бројот на туристи во секој од 13-те грчки региони.
Првите 15 земји со најголем број на посети и посетители на Грција се Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Полска, Романија, Холандија, САД, Кипар, Северна Македонија, Швајцарија, Австрија, Србија и Белгија.
Конкретно за Северна Македонија, бројот на посетители во минатата година бил, речиси, двојно помал (за 49,4 отсто) во споредба со 2019 година, односно 479.000 посетители лани, наспроти 948.000 пред три години.
Во 2019 имало 962.000 посети од нашата земја, наспроти 480.000 посети лани, а мнозинството посети се однесуваат на северниот дел на Грција.
Согласно податоците и анализите, нашата земја е непроменета на 11-та позиција. Од земјите од регионот, пред нас е Бугарија, на петто место, а зад нас Србија на 14 место.
Топ три земји со најголем број посети и посетители се Германија, на првото место со 3.001.000 милиони посетители, Велика Британија со 1.591.000 милиони и Франција со 1.175.000 милиони посетители.
Намалениот број посетители од Северна Македонија во текот на минатата година веројатно се должи на тоа што границите беа отворени на средината на мај и за патување потребен беше документ за ковид-19, односно сертификат за вакцинација, потврда за прележана болест или негативен тест од ПЦР или рапид тест.
Во однос на перифериите, што е предмет на анализата, најпосетени се островите во јужниот дел на Егејското море, втор е Крит, а потоа следи централниот дел од северна Грција – регионот во кој спаѓаат Солун и Халкидики, каде што посетителите од Северна Македонија се меѓу првите три земји.
„На трето место е регионот централна Македонија со 2.934.000 милиони посети, а најголем дел од посетите се од Бугарија (529.000). Потоа следат посети од Германија (480.000) и од Северна Македонија (461.000)“, пишува во анализата.
Сепак, иако Северна Македонија е меѓу првите три земји по бројот на посети во конкретниот регион, сепак не е во топ трите држави според бројот на ноќевања и според направените трошоци за време на престојот.