Од 1 јануари уверението за државјанство ќе може да се издава и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса. Граѓаните ќе можат по електронски пат да поднесуваат и барања за издавање на лична карта и пасош.
Со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи и спроведување на целосна дигитализација на процесите, ова раководство на МВР пристапи кон хармонизирање на законската регулатива со европското законодавство, со тоа што беа предложени законски измени коишто Собранието на Република Македонија ги усвои во март годинава, а стапуваат на сила 1 јануари 2023 година.
Поднесувањето на барање за издавање на лична карта и пасош е овозможено согласно измените и дополнувањата на Законот за лична карта, Законот за патни исправи, Законот за лично име и Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето.
Со цел усогласување со дигитализацијата на процесите поврзани со постапките утврдени со закон, формирани се работни групи кои работат на ревидирање на законите и подзаконските акти во надлежност на МВР и тоа на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за оружјето, Законот за детективската дејност, Законот за странци, Законот за полиција, Законот за меѓународна и привремена заштита, Законот за заштита од експлозивни материи, Законот за следење на комуникациите, Законот за прометот на експлозивни материи и Законот за приватно обезбедување.