Согласно податоците од Државниот завод за статистика, македонските вина најмногу се извезуваат во земјите од регионот, но има успешни обиди за извоз на вино и во Западна Европа и во Кина. Најголем извоз на вино традиционално веќе со години наназад имаме во Србија. Минатата година во Србија биле продадени македонски вина во вредност од 14,8 милиони долари.
На Саемот за вино, храна и туризам, Северна Македонија ќе се претстави со слоганот „Вкуси го животот” фокусирано на регионална, глобална, но и домашна промоција на туристичките, гастрономски и винските капацитети на државата.
Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарии и три дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни видови македонски вина и ракии и повеќе од десет производители на храна кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.