Околу 244 милиони деца не одат на училиште, и иако оваа бројка е во постојан пад повеќе од дваесет години, останува загрижувачка, објави УНЕСКО во четвртокот, на денот кога децата се вратија на училиште во Франција, каде што е седиштето на оваа агенција на Обединетите нации.
„Никој не може да ја прифати оваа ситуација. Образованието е човеково право и ние мора да направиме сè за да се погрижиме ова право да се почитува за секое дете“, рече генералниот секретар на УНЕСКО, Одри Азол.
Од 244 милиони деца на возраст меѓу шест и 18 години кои не одат на училиште, повеќе од 40 отсто или 98 милиони живеат во субсахарска Африка.
Најголем дел од нив се во Нигерија (20,2 милиони), Етиопија (10,5 милиони), Демократска Република Конго (5,9 милиони) и Кенија (1,8 милиони).
Иако во 2000 година повеќе девојчиња отколку момчиња биле надвор од училиште (2,5 отсто повеќе од основно и 3,9 отсто повеќе од средно училиште), денес родовиот јаз е „сведен на нула“, се вели во соопштението на УНЕСКО, во кое се додава дека „регионалните разлики сè уште постојат“.
Пред 22 години 400 милиони деца не оделе на училиште, потсети таа агенција, која нагласува дека има „напредок“ по ова прашање, но дека брзината на промената на тој тренд во последните години е забавена.