Сите корисници на правото на ученичка стипендија остварено во некоја од изминатите учебни години кои ги исполнуваат договорните услови за продолжување на истите, можат да ги достават документите до Министерството за образование и наука (МОН) најдоцна до 30 септември, известија од МОН.
Потребните документи кои корисникот на стипендија треба да ги достави се Потврда за редовен ученик за учебната 2022/2023 година и копија од последното свидетелство.
Документите се доставуваат електронски со прикачување на соодветната документација на порталот „е-услуги“ на МОН, а доколку некој од учениците не е во можност тоа да го направи електронски, документите може да ги достави и директно до Министерството за образование, на следнава адреса: бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје (11-ти кат, канцеларија 1104).
Инаку, минатата учебна година ученичките стипендии беа покачени и сега изнесуваат 3.500 денари. Оваа новина важеше само за учениците што аплицираа на последниот конкурс од минатата година, но како што пишуваше Мета.мк, се очекува МОН да ги покачи стипендиите и за оние ученици кои ова право го оствариле во некоја од претходните години.