Волкот во земјава сѐ уште се смета за штетник. Тој е еден од трите крупни ѕверови кои ги населуваат нашите планини, покрај мечката и рисот, и кој има најмала заштита. Ова животно сѐ уште е легална мета, за чие убивање се добива и награда, иако домашните еколошки здруженија апелираат дека неговата популација опаѓа. Се проценува дека во моментов во нашите шуми живеат нешто над 400 волци, кои освен со дозволата за ловење, се соочуваат и со низа други закани, а една од нив е и хибридизацијата со кучињата.
Според актуелниот закон за ловство, волкот заедно со лисицата, куните, ласиците и повеќе други животни и птици, е животно без никаква заштита. За разлика од дивечот под заштита, за овие животни не се утврдува ловостој ниту привремена или трајна забрана за лов. Законот, за уништен штетен дивеч предвидува и награди кои ги утврдува Министерството за земјоделство. Конкретно, за волкот наградата е 50 евра.
Волците се приспособливи и населуваат повеќе типови живеалишта како шуми, шибјаци, тревни живеалишта, пасишта, копнени води и степести предели, а повремено можат да се сретнат и близу човечки населби. Повеќето податоци за присуството на волкот во С. Македонија потврдуваат дека ова животно претпочита шуми, а понекогаш ги посетува и низинските земјоделски површини близу селата. Се проценува дека на територија од околу 100 квадратни километри живеат 2,2 вакви единки.
Целиот текст прочитајте го на meta.mk