Со наближувањето на грејната сезона расте загриженоста во македонските локални самоуправи, бидејќи и досега енергетската криза им нанесе огромни штети.
Голем број од општините ќе се обидат да ги надминат проблемите со ребаланси на буџетите, а покрај водоснабдувањето секако приоритет ќе биде затоплувањето на училиштата за да се обезбеди нормален образовен процес. Дел од општините пак веќе обезбедија енергенти и зимата барем кога станува збор за училиштата ќе ја поминат мирно...
Енергетската криза негативно влијае врз сите сегменти на општеството, а тоа на свои плеќи го почувствуваа и локалните самоуправи. Но проблемите допрва ќе дојдат до израз, бидејќи со почетокот на грејната сезона трошоците драстично ќе се зголемат, а помеѓу приоритетите на сите општини е затоплувањето на училиштата со што ќе се обезбедат оптимални услови за изведување на образовниот процес. Градоначалниците не очекуваат да има било какви рестрикции во снабдувањето со енергенти, меѓутоа проблем ќе биде плаќањето на високите сметки.
Дел од општините навреме се подготвија за грејната сезона, барем кога станува збор за затоплувањето на училиштата.
Градоначалниците сметаат дека државата треба да ги зголеми блок дотациите со што ќе им помогне на општините при снабдувањето со електрична енергија, не само за нормално функционирање на училиштата туку и на јавните претпријатија чија дејност е водоснабдување на населението.