Научници конечно ја решија мистеријата и одговорија на прашањето зошто на жените секогаш им е постудено отколку на мажите.
За тоа е виновна еволуцијата, научниците веруваат дека жените еволуирале и поинтензивно го чувствуваат студенилото бидејќи тоа ги дели половите и спречува конфликти меѓу двојките. Откриле дека истата особина е присутна и кај многу птици и цицачи, при што женките преферираат пријатно и топло гнездо или дувло за разлика од мажите, на кои зимата не им смета.
„Мажите и жените различно ја чувствуваат температурата. Таа разлика не е настаната за да се караме со партнерите околу греењето, туку сосема спротивно. Од еволуциска гледна точка, целта е да се натера парот малку да се оддалечи еден од друг за секој да може да ужива во мир и тишина“, вели д-р Еран Левин од Универзитетот во Тел Авив.
Кога птиците се селат, женките имаат тенденција да презимат во потопли подрачја. Кај многу цицачи женките сакаат сонце, а мажјаците сенка.
Студија објавена во Global Ecology and Biogeography додава дека одвојувањето на мажјаците и женките го намалува натпреварувањето околу ресурсите во околината и ги држи подалеку мажјаците кои можат да бидат агресивни и да ги загрозат младенчињата.