Најголемата германска организација за заштита на животната средина, Deutsche Umwelthilfe, побара граѓаните во Германија да се откажат од божиќните светилки оваа година за да заштедат енергија.
„Оваа година треба да биде појасно дека има откажување од божиќните светилки, и во приватниот и во јавниот сектор“, рече директорот на организацијата, Јирген Реш.
Тој предложи божиќното осветлување да се намали на една јавно поставена елка во градот. „Мислам дека треба да застанеме и да размислиме како ќе постапиме оваа година со оглед на војната во Украина, енергетската криза, но и заштитата на животната средина“, рече Реш.
Тој рече дека само приватната потрошувачка на струја за божиќното осветлување во Германија изнесува 600 милиони киловат часови, што, како што рече, е доволно за годишно снабдување со електрична енергија на град со 400.000 жители. Реш исто така гледа голем „потенцијал за заштеда“ во осветлувањето на градовите.
„Мислам дека свесното откажување, штедењето и покажувањето солидарност може да го направи овој Божиќ посебен“, рече Реш.
Во Германија од почетокот на септември важат мерки за заштеда на електрична енергија на јавните простори и институции. Така до пролет е укинато посебното осветлување на спомениците и јавните објекти, а греењето во јавните установи е ограничено на 19 степени во канцелариите. Забрането е и осветлување на излозите во текот на ноќта, со исклучок на оние кои се наоѓаат во пешачки подвозници кои инаку служат како осветлување.
извор: kanal5.com.mk