Групацијата „Фолксваген“ (Volkswagen) може да го префрли производството од Германија и Источна Европа доколку продолжи недостигот на природен гас, што е уште еден показател дека руската инвазија на Украина може да ја наруши целата европска индустрија.
Доколку недостигот на гас продолжи и по оваа зима, „Фолксваген“ има една опција да го премести производството, објави во четвртокот германската компанија.
Најголемиот германски производител на автомобили има фабрики во Германија, Чешка и Словачка, кои се меѓу европските земји кои најмногу зависат од рускиот гас.
„Како среднорочни алтернативи, ние сме фокусирани на поголема локализација, преместување на производниот капацитет или технички алтернативи, слично на она што е веќе вообичаена практика во контекст на предизвиците со недостиг на полупроводници и други неодамнешни нарушувања на синџирот на снабдување“, рече Генг Ву од Volkswagen Consulting.
Југозападна Европа или крајбрежните области на северна Европа имаат подобар пристап до поморски транспорт на течен нафтен гас, така што производството би можело да се пренесе во една од земјите во овие региони, според портпаролот на „Фолксваген“. Во моментов, германската компанија работи со фабрики за автомобили во Португалија, Шпанија и Белгија, кои се земји кои имаат и големи складишта за гас.
„Фолксваген“ тврди дека ќе успее да го одржи производството во Германија на стабилно ниво во следните 5 до 6 месеци, доколку оваа земја продолжи да ги обновува резервите на гас, но и дека зголемените цени на енергијата и нестабилноста во синџирите на снабдување претставуваат ризик за глобалното производство.
За потсетување, германската влада на крајот на јули апелираше до граѓаните и компаниите да штедат гас на сите можни начини, а најголемите производители на автомобили беа принудени да размислуваат за алтернативи кои се штетни за животната средина. Така се случи „Фолксваген“ да користи термоелектрани на јаглен малку подолго од очекуваното.
Префрлувањето од гас на други горива, како јаглен или нафта, е можно краткорочно решение за компаниите со горилници на терен, но Берлин мора да помогне со забрзување на одобрувањата за повисоки емисии на штетни гасови како што е јаглерод диоксид. „Мерцедес“ најави дека ќе ги замени своите електрани со комбиниран циклус на природен гас со зелена струја, но не прецизираше кој тип. Компанијата од Штутгарт веќе ја намали потрошувачката на гас во Европа за 10 отсто, а најавија дека би можеле да го намалат внесот на гас во Германија за 50 отсто доколку има регионално здружение.
„Бе-Ем-Ве“ (BMW) веќе ја намали потрошувачката на гас, но дополнителни заштеди би биле можни само за ограничен период без да се загрози производството. Според нив, доколку ваквата состојба продолжи, фабричките линии во одреден момент би морале да запрат.
Најголемиот светски снабдувач на делови „Бош“, како и „Ауди“, ќе ја намалат температурата во канцелариите и магацините, со цел да се заштеди на потрошувачката на гас. Но, тврдат и дека овие мерки се само краткорочни и дека дополнителното штедење би довело до проблеми во производството, што би имало последици за работниците и за целата индустрија.