Дигиталното евро може да ги намали ризиците и зависноста во меѓународните платежни трансакции, посочува германската централна банка.
Шефот на Бундесбанката, Јоаким Нагел, во понеделникот оцени дека системот заснован на европска инфраструктура може да и помогне на Европа да се ослободи од зависноста од други даватели на услуги.
„Затоа се залагам евросистемот активно да се справи со трансформацијата на парите и да продолжи да ја испитува можноста за користење дигитални пари во централната банка“, рече Нагел на состанокот организиран од банката во Франкфурт.
Нагел нагласи дека „воведувањето нова форма на национална валута за дигиталниот свет, односно дигиталните пари на централната банка, ќе биде нов чекор во развојот на државната валута по монетите и банкнотите“.
„Дигиталните пари на централната банка и придружната инфраструктура можат да бидат важен додаток на сегашните опции за плаќање“, рече претседателот на Бундесбанката.
Чуварите на валутата на еврозоната веќе подолго време го испитуваат воведувањето на дигитална верзија на еврото. Во средината на јули минатата година, Европската централна банка (ЕЦБ) одлучи да ги забрза подготовките и да започне двегодишна фаза во која ќе се испитуваат и технологијата и заштитата на податоците.
Сепак, тоа не ја прејудицира конечната одлука за воведување на дигиталното евро, кое во секој случај би било само додаток, а не замена за готовина.
Членот на Управниот одбор на ЕЦБ, Фабио Панета, на состанокот на Бундесбанк изјави дека целта на проектот за дигитално евро е да обезбеди сидро за стабилноста на монетарниот и платниот систем.
„Сакаме да обезбедиме парите на централната банка да останат општо достапни и дека насекаде во еврозоната може да се користат за секојдневни трансакции – не само во физичка форма, туку и како дигитални пари“, рече Панета.
Вклучувањето во проектот за дигитално евро е одговор на централните банки на еврозоната на наглото зголемување на популарноста на таканаречените криптовалути, како биткоин и етер.
Големата разлика е во тоа што дигиталното евро би било под надзор на централната банка, која се грижи за неговата стабилност. Со можноста за развој на дигитални пари се занимаваат и други монетарни банки во светот.
Извор: biznisinfo.mk