Скопје е веќе пренаселен град и прво треба да се запре населувањето во него, а потоа и да се размислува и за пренасочување на градбите, од центарот кон периферијата, кон северниот дел на градот.
Се ветува СÉ – нови сообраќајници, нови автобуси, бесплатен превоз… Но, барем до сега, никој не ја споменува дилемата која што е клучна за сите други ветувања: дека Скопје е пренаселен град, дали во градот треба да продолжи вакво интензивно градење и за тоа во која зона да се продолжи со градбите и конечно дали ќе се бара начин да се намали приливот на нови жители.
Статистички податоци покажуваат дека последниве години број на новонаселени граѓани во Скопје се движи околу три илјади годишно и дека расте секоја година. Излегува дека за десетина години, во градот ќе имаме новодоселени околу 30.000 нови жители, практично цел еден град. А да не споменуваме дека има и жители на Скопје кои и не се регистрирани дека живеат во главниот град.
Градот сега веќе има скоро 700.000 жители, а се верува дека се и уште повеќе. Проценка е дека во градот веќе има „вишок“ од околу 150.000 жители кои не може да ги издржи постоечката инфраструктура – улици, канализација… Но, и покрај овој факт, во градот се продолжува со интензивни градби. Со ДУП-овите за Расадник, за Дексион, за Треска, за Трнодол, „Алумина“, за паркингот кај ГТЦ, Карпош 4, Маџир и Ново Маало, Водно… се предвидуваат неколку стотини нови згради, илјадници станови и нови жители. Тие само се надодаваат на веќе затрупаните Дебар Маало, Аеродром…
Неминовното ширење на градот би требало да се одвива на северната страна, а не да се зафаќа секоја слободна површина во централното подрачје и на Водно и да се градат мастодонски згради од повеќе ката, потенцираат експертите.
Сообраќајниот шпиц – хаос трае цел ден
Пренаселеноста најмногу се чувствува на улиците – во сообраќајот. Секако се гледа и во густо нанижаните згради на кои терасите скоро и да се допираат со сосседните тераси.
Порано беше наутро и кога луѓето се враќаат од работа. Сега крстосниците цело време се крцати со возила, се чека и по два пати на ист семафор. Ова мора да се реши не само со нови улици за кои нема место туку и со затворање на населувањето во градот.
Според сегашните правила, за да се добие жителство на Скопје, покрај другото, доволно е само да се достави склучен договор за изнајмување на стан!?
Очигледно, додека не се преземе нешто трендот на доселувањето во Скопје ќе продолжи. Тоа значи дека како да е оставен на стихијата која еден ден ќе ја затрупа недоволната градска инфраструктура – канализацијата, сообраќајниците, јавниотпревоз, струјата, водоводот…