Законските услови да се пушти парното греење се исполнети, но оваа обврската ја испочитува само топланта Скопје Север.
Од телевизија kanal5.com.mk известуваат:
Па така утринава само 500 домаќинства од Бутел, Чаир и Топанско се разбудија со топли радијатори. Парно таму ќе има и во наредните денови, информираше за Канал 5 директорот Куштрим Рамадани, кој вели дека има склучено договор за гас до крајот на годинава, но вели доколку државата не ги помогне финансиски ќе бидат приморани да ги запрат вентилите, бидејќи работат со загуба.
Според информациите на Канал 5 со ладни радијатори се разбудиле и жителите на Железара кои ги снабдува ЕЛЕМ ЕНЕРГЕТИКА. А утрово не се стоплија ниту 60 илјади домаќинства кои се под капата на БЕГ, кое пак го презема ЕСМ.
Но овде проблем е преземање на топланите Исток и Запад, за што преговараат државната ЕСМ и АДОРА. Ако нема договор, друга опција е Владата да го преземе раководењето според Уредба за кризна состојба. Двете страни имаат само уште неколку дена за компромис.
Друг проблем е и набавката на природен гас. Нема информации кога, од каде и по која цена ќе биде испорачан. Ако не се набават потребните количини - во игра е топланите да работат на мазут или дизел.
Владата одвои 18 милиони евра за ЕСМ да купува енергенси за да ја почне грејната сезона во Скопје.