Извршител е далеку од најпопуларно занимање во Македонија, барем според општата перцепција на јавноста. Иако се бројни тие што немаат добро мислење за извршителите, таа дејност е и тоа како полезна за економската заедница.
Дали знаете дека ова е убедливо најпродуктивна македонска индустрија затоа што просечно по вработен од заплени лани оствари приход од 305.000 евра. Лани извршителите на доверители -фирми им вратиле 110 милиони евра, а на граѓаните 20 милиони евра. Решиле 59.000 предмети, заплениле вкупно 131 милиони евра и наплатиле награда од 3 милиони евра
Синоним за нешто несакано е извршител. Дури има клетви на таа тема, па и досетки на популарната социјална мрежа „Твитер“. Се разбира дека никој не прима со радост информација дека му „скинале“ пари од сметка. Ниту има некој што се радува кога го задолжуваат со налог за плаќање од кој нема бегање.
Емоцијата е едно, а наплата на реални обврски е друго. И вторите се неминовни за да фунционира економијата, која е неопходна за да постои современото општество.
Што лани сработиле извршителите?
Успеале да реализаат 59.000 барања за извршување од клиенти кои биле измамени и останале со кратки ракави во соработката со своите клиенти. Од нивните постапки лани успеале да соберат односно да наплатат 131 милиони евра. Од тие пари на фирми и правни лица кои побарувале пари вратиле 110 милиони евра. Факт е дека со тие пари ја подобриле ликвидноста во македонската економија. На граѓани т.е. физички лица вратиле 20 милиони евра, а за сметка на државата Македонија наплатиле 1,6 милиони евра. Оваа услужна индустрија вработува 429 лица. Мерено од аспект на прибраните средства значи дека нивната продуктивност по вработен изнесува 305.000 евра. А има ли попродуктивна индустрија.
Од кого наплатиле?
Според официјални и достапни податоци најмногу пари извршителите заплениле од неплаќачи – стопански субјекти односно претежно фирми. Од нив наплатиле 74 милиони евра. Добро наплатиле и од државата – 20 милиони евра. Од граѓани кои не ги подмирувале навреме своите обврски извршителите наплатиле 37 милиони евра. Веројатно дека токму од оваа категорија неплаќачи иде најголемата омраза кон извршителите.
Во кој регион има најмногу барања за извршување, а кои се најефикасни?
Статистички гледано, очекувано, најмногу барања за извршување има во Скопје. Дури 55.000 од вкупно 124.000 барања на ниво на цела земја. Најефикасни лани биле извршителите кои работат на подрачјата на судовите во Охрид, Струга и Дебар и тие имаат реализација на барањата од 73% од примените предмети. Државниот просек е 48 %, а најслаба реализација имаат извршителите на териториите на општините Струмица и Радовиш со 42% и Тетово со 43%.
Кои се најплатените извршители?
Вкупната добивка на целата извршителска фела за лани е нешто поголема од 3 милиони евра. Само 5 од вкупно 96 извршителски канцеларии имаат за лани добивки кои надминуваат 100.000 евра.