Германските мерки за помош со високите трошоци за енергија ќе донесат само ограничено олеснување и веројатно нема да ги одвратат компаниите кои веќе одлучија да го преселат производството на поевтини локации во странство.
Германската влада минатиот месец предложи пакет мерки за олеснување, вклучително ограничување на цените на бензинот и пониски акцизи, за да им помогне на домаќинствата и малите и средни бизниси да се справат со скоковите на цените.
Високите трошоци за работна сила во Германија принудуваат многу компании да преселат делови или целокупно нивно работење на поевтини локации во европските економии во развој и други делови од светот, или барем да ја разгледаат можноста.
Германската индустрија плаќа и до 10 пати повисоки цени на енергијата од пред две години, а дури една петтина од инженерските компании предупредуваат дека би можеле да преселат барем дел од своето работење во странство, покажува минатомесечното истражување на синдикатот ИГ Метал.
Индустриските здруженија првично го изразија своето задоволство од презентираниот пакет енергетски олеснувања, кој вклучува привремен лимит за цените на струјата, со цел субвенционирање на основната потрошувачка за граѓаните, малите и средните претпријатија, а дел од компаниите се оптимисти.
Германското здружение за мали и средни претпријатија објави дека не гледа конкретни индиции за зголемено движење на производството во странство бидејќи кризата со цените на енергијата ги погодува сите европски земји.
Дојче банк во своето истражување оценува дека поради поскапувањето на енергенсите, производството во Германија ќе се намали за 2,5 отсто оваа година и за пет отсто во 2023 година.