Поради зголемените трошоци и недостатокот од работна сила, берачите на јаболка годинава ја качија дневницата и бараат и над 2.000 денари. Но, голем дел од производителите нема да можат да ги платат поради ниската откупна цена на јаболката, која за прва класа „ајдаред“ изнесува 10 денари за килограм. Сортните јаболка се откупуваат од 13 до 15 денари за килограм, но и тоа е малку ако се има предвид дека поради зголемените трошоци на нафта, ѓубрива, средства за заштита, работна рака производствената цена изнесува и над 10 денари за кило.
Поради ниската цена многу овоштари ги намалуваат дрвцата или се откажуваат од овоштарството бидејќи станува непрофитабилно. Овоштарите велат дека е жално во услови на криза со храна да не се цени нивниот труд и јаболката да се откупуваат по 3 денари за килограм.
Овоштарите велат дека климатските промени се главен виновник што секоја година мака мачат да го заштитат родот од суша, невреме, град, мраз и на крај да ги дадат по 3 денари за индустријата. Според нив, откупната цена за прва класа треба да биде минимум 15 денари за да им се исплати трудот.
Во Преспа вообичаено се потребни од 1.000 до 2.000 берачи кои најчесто доаѓаат од Албанија. Лани дневниците на берачите се движеше од 1.000 до 1.200 денари, а годинава ја надмина границата од 2.000 денари.
извор: vecer.press