Градоначалникот на руската престолнина, Сергеј Собјанин, го најави почетокот на производството на новиот Москвич во декември. Електричниот погон не им туѓ на Русите
Москва планира фабриката за Москвич да ја пушти во работа во декември, а градоначалникот Сергеј Собјанин верува дека градот во иднина ќе прерасне во центар за производство на електрични автомобили.
Градоначалникот Собјанин излезе со важната најава за време на неговата посета на меѓународниот саем за извоз „Сделано в Росии – 2022“. Првиот човек на Москва и рускиот премиер Михаил Мишустин ги разгледуваа штандовите на саемот, задржувајќи се најмногу на штандот на „Сделано в Москве“, како еден од главните елементи на настанот.
„Автомобилската индустрија годинава имаше голем пад, меѓутоа се надевам дека со помош на Министерството за индустрија, во декември ќе ја пуштиме фабриката за Москвич да работи повторно“, изјави Собјанин во делот од неговото обраќање до Премиерот.
Според московскиот градоначалник, постои желба за градот да прерасне во индустриски центар за електрични автомобили, а постои и способен кадар којшто ќе го организира развојот и производството на автомобили.
Фабриката за автомобили во Москва беше во сопственост на францускиот производител Рено од 1998 година. Во март годинава, Французите најавија дека ќе ја затворат компанијата и ќе го напуштат рускиот пазар. Фабриката на Рено во Москва премина во сопственост на градот. Фабриката е преименувана во АО „Московский автомобильный завод Москви́ч“.