Прашање кое треба да го постават и менаџерите за човечки ресурси, а не само кандидатите кои бараат работа
Регрутерите постојано зборуваат за добри и лоши кандидати. “Нема релевантно искуство“, “нема да се снајде на таа позиција“ и “ќе го бараме за некое друго работно место“ се зборови кои редовно ги слушаме од нивна страна кога сакаат да одбијат некој кандидат.
Но, дали постои неискусен регрутер кој не се снаоѓа на својата позиција и треба да бара друга работа? Одговорот е: секако дека постои.
И тука лежи проблемот. Како да препознаете дали регрутерот којшто ве контактира е способен, одговорен и ефективен?
Ова е прашање кое треба да го постават и менаџерите за човечки ресурси, а не само кандидатите кои бараат работа. Процесот на регрутација започнува со воспоставувањето на првиот контакт со потенцијалните кандидати, а истиот завршува со испраќање на повратен одговор до сите досегнати кандидати, а не само оние кои поминале во следниот круг. Сепак, мал дел од HR професионалците остануваат доследни на оваа пракса.
Со цел полесно да препознаете добар од лош регрутер, ви претставуваме неколку карактеристики кои ги имаат вистинските регрутери:
Се фокусираат на вашите супермоќи
Примарната цел на добриот регрутер е да најде кандидати кои ги поседуваат сите “супермоќи“ кои се потребни за позицијата. Да, супермоќи, а не обични вештини.
Поимот супермоќи покрај вештините го вклучува и талентот на кандидатите кој е потребен не само да се пополни работната позиција, туку и да се надминат очекувањата од истата.
Добриот регрутер проактивно бара кандидати кои позади себе имаат цела историја на употреба на своите супермоќи. Па, кога ќе кажат дека го бараат најдоброто, навистина го мислат тоа.
Ве третираат како клиент
За регрутерот вие не сте само кандидат, туку клиент. Тоа значи дека се стремат вашето искуство со нив да биде пизитивно.
“Се трудам кандидатите да имаат едно навистина специјално искуство со мене, поразлично и подобро од она што го имаат со останатите регрутери“, - вели регрутерот на Yahoo Рејчел Саундерс.
Ја прават својата домашна задача
Го инвестираат своето време и енергија за вистински да ве проучат. Секогаш одат степен подлабоко во вашите квалификации, а ги анализираат и вашите интереси и хобија. Сакаат да знаат КОЈ всушност сте вие, а не само како изгледа вашето CV.
Ја разбираат важноста на персонализацијата
Искусниот регрутер е свесен за силата на персонализацијата кога се стапува во контакт со кандидатите. Тие знаат дека кандидатите сакаат да се чувствуваат специјално, како да се единствените одбрани за таа работа. Исто така, им ставаат до знаење на кандидатите дека потрошиле време и енергија за да ги регрутираат нив, наместо некој друг кандидат.
Знаат дека нема да ја прифатите понудата веднаш
Тие разбираат дека на најдобрите кандидати им треба време да размислат и истражат пред да прифатат нова работа. Дополнително, свесни се за фактот дека нема тукутака да ја напуштите вашата тековна работа за да започнете со било каква друга работа.
Остануваат во контакт со вас, дури и кога знаат дека не сте заинтересирани
Конечно, добриот регрутер секогаш останува во контакт. На овој начин, можат повторно да ве контактираат во случај да регрутираат за некоја друга позиција. Дури и кога не сте заинтересирани, тие сакаат да останат во добра релација со вас бидејќи го ценат вашиот талент.