МОН: Меѓусебното признавање на дипломите во Западен Балкан ја поттикнува академската мобилност, научно-истражувачката работа и регионалниот развој
Дипломите издадени во една од шесте земји од регионот: Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија, од надлежна високообразовна институција, ќе се признаваат во сите други, предвидува Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан. Со потпишувањето на Договорот на претстојниот Самит на Берлински процес во Берлин, Германија, се промовира академска мобилност и соработка , високото образование се препознава како јавно добро и јавна одговорност и се подига поддршката и заштитата на академската слобода и автономијата на високообразовните институции.
„Креирањето на политики на регионална интеграција во сферата на високото образование е голем успех за сите шест држави. Развивањето на соработка помеѓу високообразовните и истражувачките институции во Западен Балкан овозможува и развојот на знаењето преку мобилност на студентите, професорите, истражувачите и стручните лица, создавајќи основи за побрз развој на регионот“, оцени министерот за образование и наука Јетон Шаќири, по седницата на Владата на која беше разгледана и усвоена Информацијата за склучување на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и беше прифатен усогласениот текст на Договорот.
Договор го уредува меѓусебното признавање на високообразовните квалификации стекнати во јавни акредитирани високообразовни институции, продолжувањето на студиите и пристапот до нерегулираниот пазар на труд во секоја од шесте држави потписнички.
Предвидена е максимална соработка меѓу националните центри за академско признавање на квалификации, размена и споделување на искуства, алатки и бази на податоци, соработка преку Регионалната база на податоци за признавање на Западен Балкан, како и заедничка борба против појавата на фалсификување на документи. За организирање, координирање и следење на активностите поврзани со спроведувањето на овој Договор, ќе се формира Заедничка комисија за признавање на високообразовните квалификации, составена од тројца претставници од секоја од државите потписнички.
Шесте држави од Западен Балкан со надминувањето на предизвиците во делот на високото образование ја потврдуваат посветеноста кон целосна регионална интеграција, а со тоа и интеграција во ЕУ.