Иако астрономите ширум светот внимателно го следат местото каде овие остатоци паѓаат низ атмосферата на Земјата, сепак е тешко да се процени кога и каде ќе паднат
Кина ги засили напорите за истражување на вселената во последниве години. Од испраќање различни вселенски летала на Месечината и Марс, изградба на сопствена вселенска станица до куп сателити кои орбитираат околу Земјата.
Но, проблемот е во тоа што штом ќе испратат ракета во вселената, тие навистина немаат контрола врз неа откако ќе ја заврши својата мисија. Веќе во неколку наврати се случило остатоците од кинески сателити и ракети да паднат неконтролирано на Земјата.
Едно такво парче тешко 21 тон, остаток од ракетата Long march 5B, би требало да се урне на Земјата. И тоа денес. Проблемот е што никој не знае точно кога и каде.
Станува збор за дел од ракетата што беше лансирана на почетокот на неделата за да го однесе третиот, или последен, модул на вселенската станица Тиангонг во вселената.
Иако астрономите ширум светот внимателно го следат местото каде се наоѓаат овие остатоци, кои паѓаат низ атмосферата на Земјата, сепак е тешко да се процени кога и каде ќе паднат.
Хрватскиот астроном Анте Радониќ пренесе информација според која на Земјата ќе паднат меѓу 5 и 10 тони отпад од кинеската ракета. Како што истакнува, една проценка е дека тоа ќе се случи нешто по пладне, но со можност да се случи три часа пред или потоа,пренесува Дневник.хр.
Она што е добро, од наша перспектива, е тоа што остатоците би можеле да паднат некаде во Северна Америка, Африка и Австралија или да ја избегнат Европа. Сите се надеваат дека остатоците од ракетата би можеле да избегнат копно и да паднат во некој од океаните, а со тоа да се намали опасноста од потенцијални човечки жртви.
Општо правило е дека помеѓу 20 и 40 проценти од масата на голем објект ќе стигне до Земјата, но точната бројка зависи од дизајнот на самиот објект. Во овој случај се очекуваат од 5 до 9 тони, објаснија од Aerospace Corporation, чиј тим внимателно следи што се случува.
Кога првата кинеска ракета му се закани на човештвото во мај 2021 година, тогашниот директор на НАСА, Бил Нелсон, напиша дека земјите што ја истражуваат вселената треба да го минимизираат ризикот за луѓето и имотот на Земјата и да ја максимизираат транспарентноста околу тие операции.
Јасно е дека Кина не ги исполнува одговорните стандарди во врска со вселенскиот отпад. Од клучно значење е Кина и другите нации кои ја истражуваат вселената да бидат одговорни и транспарентни за да обезбедат безбедност, стабилност и долгорочна одржливост на нашите вселенски активности, додаде Нелсон.
Се чини дека за една година од тогаш, ништо не се променило во Кина, пишува Дневник.