Владата на Русија објави дека ја оживува почесната титула Мајка хероина од советската ера за жените кои имаат 10 или повеќе деца. Тие се одлучија на овој потег бидејќи се соочуваат со пад на населението.
Според указот, се наведува дека на децата мора да им се обезбеди „соодветно ниво на здравствена заштита, тие мора да се образуваат и да се развиваат физички, духовно и морално“. Сите 10 деца мора да бидат живи, освен ако не загинале за време на воена, службена или цивилна служба или во терористички напад, пишува CNN.
Титулата Мајка хероина е востановена во 1944 година и се доделувала до распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Мајките хероини се еднакви со оние кои ја добиваат титулата Херој на Руската Федерација за храброст или оние кои се наградени како херои на трудот за служење на државата.
Демографски предизвик
Бројот на работоспособни жители на Русија се намалува од 2010 година, покажуваат податоците на ОН. Аналитичарите долго време истакнуваат дека опаѓањето и стареењето на населението во земјата веројатно ќе го ограничи растот во наредните децении. Прогнозата на Economist Intelligence Unit, објавена претходно оваа година, проценува дека до 2050 година вкупното население на Русија би можело да се намали за 8,4 отсто во однос на нивото од 1995 година.