Босна и Херцеговина се соочува со драматичен пад на бројот на жителите, а доколку продолжат сегашните трендови, во таа земја за помалку од 50 години ќе живеат едвај нешто повеќе од милион и пол луѓе, покажува анализа
Во анализата која под закрила на УНПФ ја направиле чешки и босанскохерцеговски економски и демографски експерти е наведено дека таа држава од последниот попис во 2013 во просек годишно губи околу 25 илјади жители кои заминуваат да живеат и работат во странство.
„Резултатите на прогнозата покажуваат дека во следните пет децении вкупниот број на жители на БиХ веројатно ќе паѓа речиси линеарно. Под претпоставка дека на крајот на 2020 имало 3,47 милиони жители, вкупниот број на жители би требало да изнесува околу 1,56 милиони до 2070 година“, се наведува во документот со додаток дека во најоптимистичното сценарио максималниот број на жители тогаш би можел да биде 1,8 милиони.
Веќе со досегашниот тренд на намалување на бројот на жителите во БиХ уделот на децата е намален од 22,4 на 19,3 отсто, а уделот на стари лица е зголемен од 14,0 на 17,2 отсто.
Сите очекувани промени претставуваат пад на вкупниот број на жители на БиХ за околу 55 отсто до 2070, а проекцијата е дека бројот на младите ќе паѓа дури и побрзо од вкупниот број на жители кои во следните половина век секоја година ќе ги има помалку за 33 до 45 илјади.
Уште повеќе причини за загриженост предизвикува проценката дека намалувањето на вкупниот број на жители ќе го следи драматично продолжување на стареењето на населението. Така се очекува во 2070 просечната возраст на населението да порасне од сегашните 42 години на околу 54 години. Женската популација на Босна и Херцеговина тогаш во просек би имала 56 години, а машката четири години помалку.
Тоа на крајот ќе значи дека во 2070 година во БиХ ќе има само околу 680 илјади жители на продуктивна возраст.
Речиси четвртина од жителите на БиХ во 2070 ќе бидат постари од 85 години.
Извор: mkd.mk