Позначителна промена на времето се очекува од недела попладне и пад на температурите за шест до осум степени во понеделник и вторник.
До недела според УХМР ќе се задржи топло време, а утре во попладневните часови претежно на запад ќе има појава на локален пороен дожд и грмежи. Позначителна промена на времето ќе има од недела попладне кога прво ќе се зголеми облачноста и ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, понекаде и појава на град, особено во северните делови.
Во недела преку ноќта и понеделник во поголемиот дел од земјава ќе има поројни врнежи од дожд со грмежи и засилен северен ветер, а понекаде врнежите ќе бидат пообилни, со поинтензивни процеси и во форма на невреме.
Во вторник ќе преовладува променливо облачно време со засилен северозападен ветер.
Во понеделник и вторник, дневната температура ќе опадне за шест до осум степени, а оваа промена особено ќе се почувствува на северот и на повисоките места.
Во случај на појава на електрични празнења од УХМР препорачуваат поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
alfa.mk