Моза бин Насер е една од најмоќните жени во арапскиот свет и тоа со добра причина.
Шеика Моза бин Насер која во август наполни 63 години, е една од трите сопруги на поранешниот емир на Катар, шеикот Хамад бин Калифа ал Тани, и мајка на седум негови деца, меѓу кои и моменталниот емир на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани. И покрај тоа што нејзиниот сопруг се откажа од престолот во интерес на својот син, шеика Моза останува заштитен знак на Катар и една од највлијателните жени на Блискиот Исток и светот. Со години е посветена на хуманитарната работа, како и на работата во полето на социјалната политиката и образованието. Таа важи и за една од најдобро облечените жени во светот.
Поседува дури седум почесни докторати, иницирала изградба на голем број образовни институции во Газа, а исто така многу е значаен и нејзиниот придонес во „Фондацијата Катар“ со која раководи нејзиниот сопруг.
Моза бин Насер е родена во 1959 година во градот Ал Кор, на северниот брег на Катар. Таа е ќерка на бизнисмен од кого ја наследила љубовта кон образованието. Според неа, образованието треба да се цени и секој треба да има слободен пристап до него. Своето образование го започнала во Египет. И покрај тоа што сакала да биде докторка, се одлучила за социологијата. Дипломирала на Катедрата за социологија на Универзитетот во Катар. По завршувањето на студиите одлучила дека учењето не смее да запре во ниеден стадиум од животот.
Таа неколку години живеела со својот татко во егзил, во Египет и Кувајт, а потоа се вратила во Катар откако се омажила за принцот, шеикот Хамад Тани. Таа се омажила за Хамад бин Калифа Ала Тани во 1977 година кога имала само 18 години, а заедно имаат седум деца - пет сина и две ќерки. Велат дека таа е најголемата љубов на Хамад, а нивниот син Тамим, иако не е првородено дете на катарскиот владетел, е прогласен за престолонаследник и ја носи титулата актуелен емир.
Наликувајќи на глумица на прв поглед, таа е всушност многу почитувана фигура во нејзината нација, особено во однос на политичкиот и социјалниот ангажман и силен пример за еманципација на жената, во средина каде што тоа е оневозможено со векови.
Таа си обезбеди место меѓу највлијателните луѓе во светот, со што стана најдобар амбасадор на својата земја. Таа е голем борец за правата на жените, како и основач на Ал Џезира, телевизиски канал за деца. Форбс ја рангираше на 74 место на листата на „100 најмоќни жени во светот“.
Како сопруга, Моза често го придружувала сопругот на неговите службени патувања, дури и му возвраќа со симпатична забелешка дека никогаш нема да носи многу високи потпетици, за да не биде повисока од сопругот и да не го навреди, бидејќи неизмерно го почитува.
Моза одлично го применува знаењето во пракса, таа е активна во многу организации, како што се Арапската демократска организација, Организацијата за образование, наука и развој на заедницата и разни програми за помош на децата. Кога станува збор за нејзиниот стил, „Вог“ ја вклучи во петте најдобро облечени жени во светот, а „Венити фер“ ја прогласи за најдобро облечена дама со сина крв, додека за Џулиен Мекдоналд таа е втората Џеки Кенеди.
Покрај тоа што Моза е светски позната интелектуалка и активна на светската политичка сцена, не останува незабележан и нејзиниот оригинален и беспрекорен стил. Нејзините стилски избори се храбри исто колку и нејзиниот социјален ангажман. Таа делумно ја прекршува исламската традиција која налага носење на хиџаб, но затоа стилизираните турбани, од кои сепак се гледа дел од нејзината коса, стануваат нејзин препознатлив знак. Позната е и по раскошните фустани, повеќето во живописни и впечатливи бои, но и по честата појава во панталони, што е исто така неприфатливо во исламскиот свет.
При своите јавни појавувања и средби со светските политичари, Моза е секогаш поим за елеганција. Модните критичари често идентификуваат парчиња од светските модни брендови во нејзините комбинации. Шанел, Живанши, Диор и Валентино се само дел од модните куќи од кои Моза често избира креации. Со текот на годините, таа изгради свој препознатлив и софистициран стил кој ги воодушевува модните критичари.
Моза купува облека која чини меѓу 20 и 30 илјади долари, а специјално дизајнираната облека за неа достигнува цена и до 100.000 долари. Некои извори тврдат дека во нејзината резиденција се крие вистинско модно богатство. Од секојдневните слики може да се заклучи дека сака пластична хирургија и козметика, бидејќи Моза на 63 години изгледа многу помладо. Нејзината кожа е без брчки и премногу мазна за нејзината возраст.