Граѓаните не само што се соочија со големо поскапување на речиси се, од леб до козметика и месо, но и поскапувањата не се исти и помеѓу големите маркети постојат големи разлики во цените.
Еден производ во Скопје може да чини речиси двојнo поскапо во зависнот од тоа каде го купувате.
Додека граѓани во еден маркет лебот го плаќаат 36 денари, најефтиниот во друг маркет чини речиси дупло – 50 денари.
Во еден маркет сирењето се продава по цена од над 450 денари по килограм, а во друг може да се купи и за 370 денари за килограм.
Споредувајќи ги разликите во цените на трговските ланци може се види разлика и во цената на зеленчукот, па така килограм домати чини 99 денари во еден маркет, а во друг се продава за 88 денари.
Слична е состојбата и со овошјето, млекото и месосто и целата потрошувачка корпа.
Цените на млекото, лебот, јајцата и другите основни прехранбени производи секаде варираат.
Ова го покажуваат и искуствата кои Скопјани ги споделуваат на социјалните мрежи.
„Лебот е од 60 денари па нагоре. Не знам дали се случија тие 5 денари намалување што ги најави владата. Има една фурна во Нерези. Таму лебовите се од 30 денари па нагоре. Значи, има преубав леб за 30. Е како тие опстануваат, кажете ми? Не треба ли тие да заработат и плати да поделат? Треба, но се солидаризираат со народот и сигурно намалиле од профитот. А како резултат на ниските цени продажбата им е повеќекратно зголемена зошто секогаш ред се чека. Алал да им се парите!”, се вели во една од бројните реакции на граѓани на социјалните мрежи во врска со разликите со цените.
Инаку цените на лебот беа и повисоки, но откако Владата одлучи да ги врати компаниите кои произведуваат храната на регулиран пазар за снабдување со струја, тиа почнаа малку да се намалуваат.
Со оглед дека цените на основните производи и официјално се поскапени и за 30 проценти, високите цени продолжуваат да ги загрижуваат сите.
извор: lokalno.mk