Пред само неколку месеци најголемиот проблем на компаниите кои работеа во техничко-технолошкиот сектор беше недоволниот број на квалификувани работници. Денес само неколку месеци подоцна најлаички гледано се чини дека ИТ компаниите не знаат што да прават со работниците кои ги имаат, меѓутоа проблемот е малку поспецифичен и ја инволвира продуктивноста и одржливоста на компаниите. Отпуштањата во ИТ секторот продолжуваат, а ниту вработените во најголемите гиганти во секторот не се имуни. Пред десетина дена најголемата друштвена мрежа Meta отпушти 11.000 вработени, а оттогаш и компаниите кои изгледаа безбедни донесоа слични одлуки.
Најпрво Amazon најави дека ќе отпушти 10.000 вработени. Во минатото Amazon отпушташе по неколку стотици вработени, па оваа најава е огромна промена од досегашната пракса на лидерот во е-трговија. Дури и за компанија која има 300.000 вработени глобално, 10.000 се над 3% од вкупниот број вработени, и посекако се голема бројка на луѓе одеднаш да изгубат работа.
Од оваа недела иако не директно, отпуштања како да најави и Google. Она што е сигурно, е дека компанија ќе ја промени методологијата по која ќе ја ревидира и оценува работата и напредокот на своите вработени. Промената во проценувањето на перформансите компанијата го најави во мај и го претстави како „Google Reviews and Development“ (GRAD), а кварталов ја става методологијата во пракса.
Глобално Google има околу 187.000 работници, па 6% ќе соодветствува на околу 10.000 што е речиси идентично со бројот на отпуштања во Amazon и Meta.
Шпекулацијата засега не е потврдена од страна на Google и останува да видиме како ќе постапи гигантот кој годишно генерира над 250 милијарди долари приход околу проценката и шпекулацијата дека 10.000 луѓе ќе бидат отпуштени…
Извор: it.mk