На родовата разлика во платите влијаат многу фактори. Последното истражување објавено во Harvard Business Review покажува на различниот третман од страна на работодавачот како главна причина за постоењето на половата нееднаквост.
Но дали е проблемот само на страната на работодавачот? Голем дел од жените се плашат да преговараат околу висината на својата плата. Иако секоја жена е различна, заедничко за сите е дека често ги потценуваат своите способности и не се свесни колку навистина “вредат“ на пазарот на труд, односно колкава компензација треба да побараат за вештините кои ги поседуваат.
Како да преговарате за повисока плата?
Додека мажите во преговорите покажуваат самодоверба, значаен дел од жените не успеваат во тоа. Луцинда Рид, HR професионалка која водела неколку стотици разговори со жените околу нивните очекувања од платата посочува на 6 совети кои ќе ви помогнат при преговорите за повисока плата, без оглед на тоа дали станува збор за нова работа или барање на покачување:
Без прецизни износи
Кога барате покачување или преговарате за плата на новата работа, никогаш немојте да посочувате на точен износ. Наместо тоа, изберете приближна вредност или процент. Секогаш предлагајте малку повисока сума па ако не успеете да се изборите за таа, ќе направите компромис околу пониската сума.
Истражете го пазарот
Пред да се впуштите во преговори, добро истражете го пазарот. Дознајте која е платата за некој којшто ги поседува вашите вештини и вашето работно искуство. Разговарајте со колегите на работа или пријателите кои работат во истата индустрија околу тоа колкав износ може да се очекува доколку побарате покачување.
Вашата моментална плата не ја одразува вашата вистинска вредност
Ако сте во компанија каде што работите на пониска позиција, ќе биде потешко да се качите на хиерархиската скала. Но, тоа не значи дека вашата актуелна плата ја отсликува вредноста на сите вашите знаења и вештини што сте ги стекнале досега. Имајте го ова на ум кога тргнувате во преговори.
Не менувајте ја вашата плата за поголема флексибилност
Помина времето кога жените мораа поголемата флексибилност да ја компензираат со пониска плата. Веќе сме длабоко навлезени во 21. век и секој има право на флексибилност – и мажите, но и жените. Живееме во време кога треба да барате и повисока плата, а и поголема флексибилност на работа.
Породилното отсуство не ја намалува вашата вредност
Можете да одите на преговори за повисока плата без оглед на тоа што година дена сте биле отсутни од работа на породилно отсуство. Знаењата и вештините кои сте ги имале пред 1 година можеби денес вредат повеќе на пазарот.
Исто така, додека сте на породилно отсуство, следете го движењето на пазарот и ширете го своето постојано знаење.
Бидете самоуверени
За крај, бидете самоуверени и не плашете се да кажете: “Моите очекувања за плата се (приближен износ) бидејќи (причините зошто заслужувате повисока плата).