Официјалните јавно достапни податоци на Македонската берза покажуваат дека најголемите и најуспешни компании речиси без исклучок, во првите девет месеци годинава, ги зголемиле буџетите за плати и трошоци за своите вработени!
Тој факт потврдува дека најголем дел од компаниите водат грижа за своите вработени со тоа што ја подобруваат нивната мотивација што е услов за лојалност и подразбира подобра продуктивност.
Тој тренд воедно е и важен сигнал за сите инвеститори во акции на тие компании и тој докажува дека менаџерите преку водење грижа за вработените го трасираат патот за успешна работа, предвидливи резултати и секако добивки најчесто изразени низ дивиденда.
На листата на „Фактор“ се 20 компаниите – акционерски друштва чии акции котираат на Официјалниот пазар на берзата. Најголемиот платодавач во првите девет месеци е најголемата македонска фармацевтска индустрија „Алкалоид“. Една од најуспешните македонски компании за првите девет месеци на своите вработени им исплати 38 милиони евра и тоа е за 12 отсто повеќе пари за вработените во споредба со истиот период лани. „Алкалоид“ на крајот на септември годинава вработувал 2.617 лица. Односно фармацевтскиот гигант месечно по вработен исплаќал 1.613 евра за бруто плата.
Во групата платодавачи поголеми од 10 милиони евра се уште големите банки, најголемиот телекомуникациски оператор, најголемиот градежник и најголемата македонска компанија за трговија на мало со нафтени деривати. Во оваа група се „Макпетрол“, Македонски телеком, Стопанска банка Скопје, Комерцијална банка и НЛБ Банка и Гранит.
Извор: expres.mk