Скопјани ги примија првите сметки по преминувањето на парното од БЕГ на ЕСМ снабдување со топлина и веднаш почнаа да се жалат. Во многу сметки има грешки. Засегнатите се сомневаат дека такви грешки ќе има и во наредниот период, а тие нема како да дознаат за тоа.
Дел од граѓаните реагираат и затоа што не се внесени корекциите во договорите потпишани со новиот снабдувач со топлина, но и поради доцнењето на сметките.
Од ЕСМ снабдување со топлинска енергија повикуваат на трпение, бидејќи процесот на преземање на податоците, потпишувањето на договорите и на изработката на фактурите оди истовремено и можни се грешки. Но, велат од таму, граѓаните нема да бидат оштетени. Сега се работи и на подготовка на сметките за топлинска енергија за ноември, а нивната дистрибуција до потрошувачите ќе почне на 15 декември.
ОД ЕСМ Снабдување со топлина признаваат дека е направена грешка кај некои фактури за потрошена топлинска енергија.
– Кај занемарлив број фактури е увидена техничка грешка, која настанала при изготвување на фактурата за октомври 2022 година. Таа беше сторнирана и подготвена е и доставена нова фактура, согласно со извршената корекција. Доколку потрошувачите ја имаат платено претходно доставената а сега сторнирана фактура, ги молиме да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонскиот број (02) 3076-200, за да ги регулираат нивните уплати или на нашиот контакт и-мејл contact@esm-snabduvanje.mk – појаснуваат од компанијата.
Од компанијата снабдувач со топлина појаснуваат дека е во тек ажурирање на податоците на корисниците според новите договори и веќе во наредната сметка корекциите направени во договорите ќе бидат направени.
Иако, зимата годинава започна со повисоки температури, скопјани понатаму се жалат на ладни радијатори.
Можеби ќе ве интересира: Како да ги плаќате фактурите за парно на мејл? ЕСМ Снабдување нуди можност за е-фактура