Возачот на возот или „S-Bahn“ бил запрен во Штутгарт откако не застанал на ниту една станица, а полицијата тогаш утврдила дека нивото на алкохол во крвта му е 2,8 промили, пишуваат германските медиуми.
Покрај тоа, патниците го слушале гласно како се жали од неговиот работодавач.
Инцидентот се случил синоќа, а полицијата соопштила дека била алармирана откако 43-годишникот не застанал на неколку предвидени постојки. Кога се пријавил за почеток на смената, околу 13 часот и 30 минути, веќе бил пијан, а возот сообраќал осум и пол часа.
„Додека возел наводно воопшто не ја отворил вратата за патниците или доцнел“, велат од полицијата.
Полицијата била повикана од жена која чекала на станицата Рутесхајм, откако возот поминал покрај неа без да застане. Дошла на станицата да ја земе ќерка си, но девојката не можела да се симне од возот.
Полицијата успеала да го запре возот, а машиновозачот се согласил на алкотестирање кое потврдило дека возел во многу алкохолизирана состојба. Човекот сега е под истрага поради сомнение дека сторил кривично дело опасна интервенција во железничкиот сообраќај.
Можеби ќе ве интересира: Германија воведува месечен билет од 49 евра за локален и регионален јавен превоз