Граѓаните би сакале минималец кој би изнесувал 25.000 денари или над оваа сума, но сметаат дека во 2023 година ќе има мало покачување на минималната плата.
Незадоволни се од стандардот. Велат дека минималецот е доволен само за задоволување на основните потреби на еден човек, но нема шанси со минимална плата да се издржува семејство.
Убедени се дека и со повисок минимец, стандардот на граѓаните нема значително да се подобри, затоа што многу производи и услуги поскапеа. Граѓаните се разочарани од малата куповна моќ.
Во март се очекува дека минималецот ќе биде над 20.000 или близу 21.000 денари, но крајниот исход останува да го видиме во наредниот период. Следното покачување на минималната плата како што најавија од Владата ќе се случи во првиот квартал од идната година. Зголемувањето ќе биде во согласност со новата методологија која беше договорена на преговорите помеѓу Владата, синдикатите и работодавците во февруари годинава, кога постигнаа согласност за минимална плата од 18.000 денари.
„Со измените на Законот за минимална плата воведени се критериуми со кој порастот на минималната плата ќе се врши во согласност со предвидената методологија. Сега се воведени два нови поповолни критериуми со кој усогласувањето на минималната плата ќе биде: 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Третиот критериум е дека висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика (ДЗС). Вака дефинираната нова методологија покрај зголемувањето на минималната гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот. Тоа значи дека износот од 57 отсто ке биде загарантиран и нема да зависи од волјата на политичките субјекти кои се на власт ниту пак од социјалните партнери“, објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Како што објави ДЗС, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во септември 2022 година, изнесувала 32.553 денари. Нови податоци за висината на платите ќе имаме на 22 декември, кога ДЗС ќе објави ново соопштение. Минималната потрошувачка кошничка како што објави Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во ноември „тежела“ 51.714 денари. Што се однесува до минималецот, тој во минатото изнесуваше 15.000 денари, претходно беше 12.000 денари и постепено се покачуваше.
извор: faktor.mk