Континуираното иселување на домашните работници во европските држави ги стави во незавидна позиција домашните компании, кои се принудени да наоѓаат нови начини за привлекување слободна работна сила од неангажираното работоспособно население.
Токму во овој контекст, минатата недела од Организацијата на работодавачи во Македонија, во пакетот на мерки што се предлага за излез од економската криза, беше презентирана и идејата за воспоставување поголема флексибилност на пазарот на трудот, односно можност за работно ангажирање млади лица над 16 години, заради „задоволување на потребите од понискоквалификувана работна сила“.
Со искористувањето на дел од овој работниот потенцијал може да се намали дефицитот на работници, пред сѐ во услужниот и туристичкиот сектор, како и во земјоделството и во трговијата, во кои може полесно да се вклучат лицата што немаат стекнато работни навики, сметаат од Организацијата на работодавачи. Но за нивно целосно ангажирање се отвораат и низа социјални, економски и правни дилеми, за што се неопходни измени во постојната законска регулатива.
Ангажирањето на младите лица од 16 и 17 години е ограничено од постојните законски решенија. Според нашата регулатива, многу граѓански права се стекнуваат со навршување 18 години. Затоа се неопходни низа законски усогласувања за нивно работно ангажирање.