„Англија ќе имаше 20-неделен државен празник ако завршеше на третото место“, „Ова звучи како љубомора“
Репрезентацијата на Хрватска го освои бронзениот медал на Светското првенство во Катар и славеше со околу 80.000 луѓе на плоштадот Бан Јелачиќ во Загреб. Во моментите кога толпата на централниот плоштад во Загреб се загреваше чекајќи го пристигнувањето на репрезентацијата, британскиот Дејли Мејл на своите социјални мрежи сподели текст објавен ден претходно, а со кој со потсмев ја искоментира прославата на хрватските фудбалери.
Би можело да ве интересира: Зошто Меси во црна наметка го крена трофејот
Дејли Мејл го напиша текстот врз основа на примерот на објавите на луѓето на социјалните мрежи, па во својот наслов стави една од нив: „Слават како да го освоиле проклетиот турнир! Фановите ја опишаа Хрватска како срам поради бурната реакција по освоеното трето место на Светското првенство и затоа што сите од клупата истрчаа на теренот за да ја прослават победата против Мароко“.
Тажни за сребро, среќни за бронза
Во текстот се наведува дека фановите на социјалните мрежи ја исмејувале Хрватска поради таа бурните реакции и начинот на славење. Во него се вели и дека хрватската репрезентација ги преплави социјалните мрежи и во 2018 година, откако беше прилично вознемирена затоа што го освои среброто во Русија на Светското првенство пред четири години.
Дејли мејл издвои неколку твитови покрај оној што го вклучи во насловот на својата статија. Меѓу нив се издвојува еден во кој се наведува дека хрватските играчи плачеле поради второто место пред четири години, а сега го слават третото.
Објавувањето на тој текст на Фејсбук страницата на Дејли Мејл собра околу 5.500 реакции, а голем дел не се согласуваат со напишаното и го напаѓаат таквиот став.
„Замолчете и оставете ги да слават“
„Имаа подобар пласман од многу посилни репрезентации како Германија, Шпанија, Португалија, Белгија, Холандија, Англија, Бразил. Нека слават како сакаат. Секоја чест“, „Англија ќе имаше 20-неделен државен празник ако завршеше на третото место“, „Ова звучи како љубомора“, „Имаат целосно право да слават бидејќи даваа 100 проценти на секој натпревар и го освоија третото место. Би било штета да не покажат емоции после тоа“, се некои од реакциите.
Коментатор кој се изјасни како Бразилец напиша: „Само две земји можат да (се обидат) да ја исмеваат Хрватска: Франција и Аргентина. Ако вашата земја не е трета на планетата, замолчете и оставете ги да слават како сакаат!“, „Она што е срамота е тоа што Англија не е на подиумот од 1966 година, а Хрватска тоа го направи три пати во последните 25 години“, „И треба да слават. Земја со 3,9 милиони жители е трета и тоа е голем успех“, се некои од коментарите кои добија најголем број реакции по објава.