Данска е веќе речиси 4 децении на самиот врв на земји кои се сместуваат во најсреќни на светот.
Во што е тајната? Одговорот делумно лежи во начинот на кој Данците ги воспитуваат своите деца, градејќи ги во отпорни, емоционално стабилни и среќни возрасни луѓе.
Данското родителство се темели на воспоставување здрав однос помеѓу родителите и децата. Во таа врска родителите им покажуваат дека се грижат за нив и ги учат да станат подобра верзија од себе. Во книгата „The Danish Way of Parenting“ на Џесика Џоел Александер и Ибен Сандал се наведени 6 основни начела на данското родителство.
Игра
Родителите во Данска ги поттикнуваат децата слободно да си играат. Нема претерана родителска контрола, ниту тие се мешаат во нивниот избор на игра и забава. Поради тоа, децата ги следат своите сопствени интереси.
Автентичност
Некои родители во најдобра намера ги фалат исклучиво успесите на своите деца, но тоа не е добро. Родителите во Данска се фокусираат на трудот на своето дете, што помага во воспитувањето, така што детето станува свесно за своите сили и слабости.
Промена на перцепцијата
Данските родители се трудат да ја променат перцепцијата за непријатните ситуации. Секогаш ја истражуваат причината за мрзеливото или недолично однесување, наместо да мислат дека нивното дете е намерно непослушно.
Емпатија
Емпатијата е основна вредност која се учи дури и во училиштата во Данска. Вежбањето емпатија ги учи децата како да ги почитуваат другите, па дури и себе. Исто така, тоа помага во спречување на врсничко или било каков друг облик на насилство.
Без ултиматум
Родителите можат да прибегнат кон авторитативни ултиматуми за да ги присилат децата да делуваат или да се однесуваат на одреден начин. Меѓутоа, тоа може да им се одбие од глава и да создаде напнатост во меѓусебниот однос.
Заедништво
Заедништвото е еден од зборовите со кои може да се опише данскиот поим „hygge“. Тоа е уште еден важен дел од данското родителство. Татковците и мајките во оваа земја внимаваат да поминуваат многу време со своите деца, што ги обликува во среќни луѓе.