Трите енергетски компании ги доставија своите барања до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари идната година, објави Канал 5. АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.
– Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ на денешната прес-конференција.
Претседателот на РКЕ информира дека за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одлага до 30 јуни идната година.
Од РКЕ изјавија дека со последната одлука има цена за активна електрична енергија, во делот на скапата тарифа имаме четири блока и во делот на евтината тарифа нема блоковска структура. На тоа се додава и трошокот за мрежарина и се добива крајна цена за домаќинствата.