Домаќинствата во 2021 година најмногу од домашниот буџет – 47 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб – 255 килограми, компир – 92,2 кг и месо 58,9 кг.
Домаќинствата во просек испиле 226 литри безалкохолни пијалаци и 50,9 литри алкохолни. Изеле и 29,5 килограми чоколади и кекс и испиле 10,2 килограми кафе и какао. За превоз оделе 5,5 проценти од домашниот буџет, што е повеќе од тоа што домаќинствата трошеле за здравје, рекреација, култура и образование заедно, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2022 на Државниот завод за статистика.
Домаќинствата во минатат година најголем дел од домашниот буџет во просек трошеле на лична потрошувачка – 331 544 денари или 94,6 проценти, потоа за штедење – 11 569 денари или 3,3 отсто, па за отплата на кредити и заеми – 3 228 денари или 0,9 проценти, потоа за издатоци за стан, куќа и имот – 2 804 денари или 0,8 отсто, за загуби, подароци и слично – 900 денари или 0,3 проценти, и за членарина, даноци, царини и слично – 507 денари или 0,1 отсто од домашниот буџет.
Само за храна, домаќинствата во минатата година во просек трошеле 146 713 денари, од кои најмногу за месо – 34 908 денари, потоа за млеко, млечни производи и јајца – 29 236 денари, за производи од жито – 24 466 денари, за зеленчук – 22 122 денари, за овошје – 10 111 денар, за шеќер и чоколади – 7 572 денари, за масло – 6 719 денари, други прехранбени производи – 6 535 денари, и за риба – 5 045 денари.
Најмногу во домаќинствата се јадело леб – 255,6 кг, потоа компир – 97,2 кг и јужно овошје – 86,7 кг, додека од месо најмногу се јадело живина – 53,4 кг, потоа преработки од месо – 50,2 кг, па свинско – 35,1 кг и говедско, телешко и јунешко – 23,8 кг. Свежа и замрзната риба – 24 килограми, а преработки од риба – 3,1 кг.
Од овошје, освен јужно овошје, најмногу се јаделе јаболка – 45,5 кг и бостан – 41,5 кг, а најмалку се јаделе цреши и вишни – 2,5 кг и круши – 3 кг.
Од зеленчук, освен компир, најмногу се јаделе пипер – 67,6 кг и домати – 44,8 кг, а најмалку грашок и боранија – 2 кг.
Кај млечните производи, домаќинствата најмногу пиеле млеко – 110,9 литри, потоа кисело млеко и јогурт – 88,6, а сирења 47,6 кг и други млечни производи – 12,1 килограм.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата”, спроведено во текот на 2021 година. Изборот на 5 040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2002 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање.
Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,64, додека во просек вработени биле 1,33 член. Во просек вкупно расположливите средства по анкетирано домаќинство во 2021 година изнесувале – 503 442 денари или 8 120 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства – 667 939 или 10 773 евра, потоа земјоделските – 498 887 или 8 046 евра, а најмалку неземјоделските 483 067 денари или 7 791 евро годишно.