На осмо место во светот е рангирана Македонија по количина фрлена храна според бројот на жители, покажува Извештајот за индексот на фрлена храна на ОН.
– Секој поединец во земјава во просек фрла околу 83 килограми храна годишно. Околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира, се наведува во овој Извештај.
Процените се дека фрламе меѓу 10 и 12 илјади тони храна со кои може да се обезбедат по три оброка дневно за 26.000 граѓани, а вкупните вишоци надминуваат 100.000 тони.
Според податоците на Светската здравствена организација и на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), од глад или болести поврзани со недостиг на храна, годишно во светот умираат 9 милиони луѓе, од кои една третина се деца, а половината се под петгодишна возраст. Со тешкотии во пристапот до храна или потхранети се 860 милиони луѓе, пред се во Африка и Азија. Две милијарди имаат недостаток на микронутриенти – витамини и минерали, а милиони деца страдаат од заостанување и слабеење, смртоносни форми на недоволна исхранетост.
Наспроти тоа, огромни количини храна се фрлаат, и се зголемува бројот на дебели и луѓе со прекумерна тежина. Околу 815 милиони лица во светот се дебели, а 1,73 милијарди имаат прекумерна тежина, најголем дел во богатите и развиени земји. Само во САД, на програми за слабеење годишно се трошат над 60 милијарди долари.
Според податоците на Обединетите нации, околу милијарда тони храна секоја година завршуваат во ѓубре. Дури една третина од целата храна произведена на глобално ниво се губи или се фрла. Околу 61 отсто од храната која се фрла е од домаќинствата, 28 проценти од ресторани и 13 од маркети. Сликовито прикажано, количината на храна што се фрла годишно, може да наполни 23 милиони камиони, кои ако се поредат еден по друг, би формирале колона доволно долга за да ја обиколи Земјата седум пати. Храната што се фрла и се троши залудно е повеќе од доволна за да се нахранат сите гладни во светот.