Кина може да се обиде да добие контрола над локациите со најбогати ресурси на Месечината, доколку победи во трката со САД за единствениот Земјин природен сателит, изјави администраторот на НАСА, Бил Нелсон.
Проблемот е што „нема многу места на јужниот пол на Месечината што се соодветни за она што ние го мислиме, во овој момент, за собирање вода и така натаму, додаде шефот на американската вселенска агенција.
На прашањето дали американските астронаути ќе се вратат на Месечината пред таму да пристигне Кина, Нелсон одговори: „Ако даде Господ“.
Во 2019 година, Кина стана првата земја што изврши меко слетување на далечната страна на Месечината како дел од својата роботска мисија Чанге 4. Подоцна успеа да донесе на Земјата примероци од Месечината. Пекинг вели дека очекува да испрати човек на Месечината пред 2030 година, а подоцна и таму да основа научноистражувачка станица.
Во изминатите неколку години, кинеската Национална вселенска администрација (ЦНСА) исто така успешно испрати орбитер и ровер на Марс и ја лансираше својата национална вселенска станица во орбитата на Земјата.
– Кина во последната деценија имаше огромен успех и напредок, во својата вселенска програма, призна Нелсон. Сепак, тој сепак изрази уверување дека НАСА го има она што е потребно за повторно да победи во трката и да ја исполни поставената цел да испрати мисија со екипаж на Месечината во 2025 година.
Пекинг во многу наврати ги негираше американските обвинувања дека има подмолна агенда зад својата вселенска програма. Во август, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан рече дека вселената не е боречка арена, туку важно поле за соработка меѓу двете страни. Истражувањето на вселената е заеднички потфат на човештвото и треба да биде од корист за сите, рече Жао, додавајќи дека Кина е посветена на мирно користење на вселената и на соработка со другите земји.