Граѓаните од Куманово, пред сè од населбите и руралните средини покажаа интерес за користење бесплатен автобуски превоз, соопштија денеска од диспечерскиот центар за општински линиски превоз на патници, кој се наоѓа на приземје во трговскиот центар „Гарнизон“.
Од диспечерскиот центар изјавија дека засега сè функционира добро на 27-те линии кои сообраќаат во Куманово. Оттаму нагласија дека голем интерес има за линиите кон „Зелен Рид“ и населба „Карпош“.
На автобуските постојки во градот заблежителен е поголем број патници кои користат автобуски превоз.
Советот на последната седница пред Нова година донесе одлука за воведување на бесплатен превоз, на предлог на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
-Ги известуваме граѓаните на Општина Куманово, дека согласно одлуката за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, број 09-10277/20 донесена на седница на Совет на Општина Куманово на 27 декември 2022 година, сите граѓани ќе можат бесплатно да користат општински линиски превоз од 01.01.2023 година заклучно со 30.06.2023 година, на сите линии согласно утврдените возни редови.
На страницата на општината е достапен и возниот ред до приградските и до руралните средини. Димитриевски како што изјави по седницата очекува дека мерката ќе придонесе за намалување на негативните последици од економско-енергетската криза и ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето.
Во време на економско-енергетска криза граѓаните на Општина Куманово добиваат можност за значителни заштеди во семејниот буџет. Со ова, ќе придонесеме за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и намалување на загадувањето, рече Димитриевски.
Бесплатниот линиски превоз за кумановци ќе трае до 30 јуни, годинава.