Дали излегувањето надвор е исто како да сте испушиле кутија цигари?
Загадувањето на воздухот станува сè поактуелна тема. Иако можеби има некаков напредок, издувните гасови од автомобилите и фабриките сè уште претставуваат закана за сите суштества со бели дробови. Дали излегувањето надвор е исто како да сте испушиле кутија цигари? Што можеме да направиме за да се заштитиме од загадувањето? Наједноставно решение би било да го напуштите загадениот град, но знаеме дека тоа е опција која многумина не можат да си ја дозволат. Во тој случај, постојат некои други чекори кои можете да ги преземете.
Како да се заштитиме?
- Граѓаните треба да користат заштитни маски доколку постои загадување два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 микрограми на кубен метар за ПМ 10 честичките. Но, европските регулативи за ПМ 10 честичките наложуваат дозволена максимална граница на концентрација од 50 микрограми на кубен метар.
- Треба да се внимава при изборот на маската затоа што не сите маски штитат од ПМ честички, но и начинот на употреба на маската влијае на заштитата.
- Според некои истражувања витамините од Б групата штитат од загаден воздух. Треба да се внесуваат антиоксиданси, овошје и зеленчук.
- Tреба да се садат повеќе дрвја и жива ограда. Меѓу згради добро е да има жива ограда или цвеќе, додека на отворено дрвјата се ефективни.
- Кога воздухот е загаден треба да се избегнува шетање, посебно на места кои се фреквентни и во шпицот од денот.
- По ветер и дожд квалитетот на воздухот е многу подобар. Тогаш е добро да се направи прошетка.
Што друго можете да направите?
1. Не вежбајте надвор кога воздухот е многу загаден
Денес постојат различни апликации и веб-сајтови кои ви дозволуваат да го видите квалитетот на воздухот во вашиот град. Имајте на ум дека кога загадувањето на воздухот е поголемо, големи се шансите воздухот да биде загаден и во вашиот дом ако живеете во зграда. Кога вежбате вдишувате повеќе од вообичаено, па затоа избегнувајте ја физичката активност во овие денови. Исто така избегнувајте да вежбате за време на голем сообраќаен метеж. Ова ќе направи голема разлика за вашите дробови.
2. Одржувајте го воздухот дома чист
Користете вентилација кога готвите и избегнувајте готвење на отворен оган. Најдобро е да избегнувате секаков вид согорување во вашиот дом.
3. Набавете филтер за воздухот
Иако овие филтри се навистина скапи, ако живеете во многу загадено место вреди да вложите во нешто вакво.
4. Ставете растенија во домот
Природните воздушни филтри можат да се погрижат за јаглеродниот диоксид, како и другите загадувачи на воздухот.
5. Хранете се здраво
Исхраната богата со хранливите материи кои се наоѓаат во овошјето и зеленчукот може да ја намалат штетата од загадениот воздух. Хранливите материи како витамин Ц му помагаат на вашето тело да создаде заштита против опасните молекули кои ги вдишувате.
6. Користете чиста енергија
Ако сте во можност, обидете се да користите чиста енергија. Ова важи и за вашиот автомобил. Сепак најголемите загадувачи во градовите се возилата.
За да помогнете во намалувањето на загаденоста, почнете локално. Учествувајте на состаноци и обидете се да ги охрабрите другите да делуваат за овој проблем. На пример, наместо автомобил користете јавен превоз. Мотивирајте и некој друг да го прави истото.