Министерството за животна средина во 2018 година најави категоризација на возилата во зависност од тоа колку загадуваат и субвенции за купување поеколошки возила.
Законот за возила донесен во 2019, предвидува од јануари 2021 секое возило при регистрација да добие една од трите еколошки налепници во зелена, жолта или црна боја, во зависност од еколошката категорија и загадувањето што го прават. Освен еколошка такса при регистрација, категоризацијата како што беше најавено, требаше да се користи и за ограничување на движењето на возилата во градските зони во денови со зголемено ниво на аерозагадување.
И додека некои граѓани веќе направија промена на своите возила водени од најавените измени, сепак целата работа е сè уште заглавена и чека Министерството за економија да донесе Правилник за категоризација пред да може да почне да се применува.
Возилата и транспортот имаат значителен удел во загадувањето на градовите и додека во Европа освен што при самата регистрација на возилата се наплаќа еколошка такса во зависност од тоа колку и како загадуваат, се повеќе градови и држави дополнително го уредуваат движењето на возилата во градските средини согласно загадувањето што го прават. Иако законот беше донесен во 2019 година и предвидуваше зелени еколошки налепници за возилата со Еуро 5 стандард, а во ЕУ на сила веќе беше Еуро 6 нормативата, во меѓувреме додека се чека правилникот од Економија за спроведување на категоризацијата во пракса, ЕК веќе најави и нови построги Еуро 7 норми за возилата.
Новите правила поставуваат дополнителни ограничувања за емисиите на честички од сопирачките и микропластиката од гумите и ќе важат за сите возила, вклучувајќи ги и електричните.
Согласно Законот за возила, најавената еколошка категоризација кај нас ќе се врши во три бои:
Првата еколошка категорија (зелена боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на ЕУРО 4,5 и повисоко.
Втора еколошка категорија (жолта боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3.
Трета еколошка категорија (црвена боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови.
Глобите за возилата кои немаат еколошка налепница, согласно законот, се 1 000 евра за техничката служба и 250 евра за одговорното лице во техничката служба.
Еколошката налепница возачите нема да ги чини повеќе од 600 денари, а општините ќе треба да одредат зони на движење
Трошоците во постапката за утврдување на еколошката категорија на возилото, се на товар на сопственикот на возилото.
Целиот текст можете да го прочитате на faktor.mk