Во некои земји бонус за добра деловна година не е толку ретко, компаниите често ги наградуваат своите вработени со половина, па дури и со целата дополнителна плата на крајот на годината.
Сепак, тајванската бродска компанија „Евергрин Марин Корп“ на своите вработени во просек им дава бонуси во висина од дури 50 месечни плати. Значи, сумата е нешто поголема од четиригодишната работа во компанијата.
Како што пишува Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со состојбите во компанијата, висината на бонусот зависи од позицијата и видот на работата што ја извршува вработениот. Најголемите бонуси се за луѓето со договори во Тајван, изјави изворот за Блумберг, кој сакаше да остане анонимен бидејќи деталите се приватни.
„Годишните бонуси отсекогаш се засновале на резултатите на компанијата во текот на деловната година, но и на индивидуалниот успех на вработениот“, се вели во соопштението на компанијата.
Дарежливоста на компанијата е резултат на невиден бум во транспортот во последните две години, низ целата индустрија. Ваквиот раст беше поттикнат од пандемијата на коронавирус, која предизвика нагло зголемување на побарувачката за стоки за широка потрошувачка, како и цените на транспортот. Се очекува дека приходите на компанијата во 2022 година ќе се зголемат на рекордни 634,6 милијарди нови тајвански долари (NT$), односно 19,42 милијарди евра - што е три пати повеќе во споредба со приходите во 2020 година.
Бонуси до 65.000 долари
Блумберг потсетува дека оваа компанија го привлече вниманието на медиумите „од погрешни причини“ на почетокот на 2021 година, кога нивниот брод се заглави во Суецкиот канал, вознемирувајќи ги синџирите на снабдување. Сега компанијата доделува бонуси до 52 месеци плата. Некои вработени добиле исплати повеќе од 65.000 долари на 30 декември.
Сепак, не сите вработени во Евергрин Марин имаа толку среќа. Нејзините вработени со седиште во Шангај се пожалија на нефер третман откако добија бонуси од пет до осум месечни плати.
Прочитајте: Газда за пример: Со скромно патување му го разубавил роденденот на својот вработен
Сепак, Блумберг наведува дека овој вид на исплата на бонус е најголем што може да се очекува во догледна иднина. Поморските компании предупредија дека брзото слабеење на глобалниот раст во комбинација со падот на цените на превозот веројатно ќе и наштети на профитабилноста оваа година. Акциите на компанијата паднаа за 54 отсто минатата година по неверојатната добивка од 250 отсто во 2021 година.