Новиот филм на Милчо Манчевски „Кајмак“ беше прикажан во сите населени места во Македонија, освен во Велес, оти во градот нема кино. По 18 години велешани добиваат кино до крајот на месецов...
По 18 години чекање, Велес добива кино. Реновираната сала „Бели мугри“ во поранешниот Пионерски дом, сега градска библиотека, и ново набавената современа опрема, локална власт ги даде на јавен повик за работа со нив. Фирма од Свети Николе победи на јавниот повик.
„По завршената постапка за избор на кино прикажувач во Велес избрано е универзитетското 3D кино „Киноверзум“. Закупот на техниката и на салата е на три години, а месечната закупнина ќе изнесува 30.707 денари без ДДВ“, соопштија од локалната власт.
Би можело да ве интересира: До кога ќе поскапуваат становите? Квадрат во Скопје стаса и до 2.200 евра
Од компанијата најавуваат дека наскоро ќе започнат и со емитување на редовна филмска кино програма, откако ќе ги завршат правните постапки. Доколку навремено се завршат административните работи, почетокот на работа на велешкото кино би бил кон крајот на месец јануари. Најавите се дека во „Киноверзум“ Велес ќе се прикажуваат филмовите од најновата светска филмска продукција, истиот ден кога ќе бидат прикажувани во најголемите светски метрополи.
Во Велес киното „11 Октомври“ престана со работа во август 2005 година, а сегашното се опреми и салата се реконструира со општински пари во висина од 76 илјади евра. Но имаше само две свечени проекции на еден филм, во октомври 2020 година.